dance to the radio
radio.spodeli.org/103
 

103 Инфо |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||

Interview with Genesis P-Orridge @ Kanal 103 [втор дел]
Објавено 09.05.2016

М: Тоа е одлично, ви благодарам. Сакав да ве прашам како сте деновиве, се уште делувате многу зафатено, предавате, имате настапи како диџеј, свирите концерти, се подготвувате за Европска турнеа и само што објавивте дека издавате албум во август. Изгледа дека сеуште имате многу енергија во вас.


Џ: (се смее) Да, чудно е, нели?

М: Воопшто не е, го очекувам тоа од вас.

Џ: (се смее) Не знам зошто сме толку активни и како завршуваме толку многу работа. Навистина сме многу продуктивни, вчера водевме тура во склоп на нашата изложба што е моментално поставена во Њу Јорк. Веднаш потоа држевме предавање со уште еден уметник, а од таму влеговме во кола и отидовме до еден клуб во Бруклин каде што читавме поезија и свиревме во живо. Денес се разбудивме и еве, го имаме ова интервју со вас. Така изгледа мојот живот изминатиов период. Сега работиме на уште една самостојна изложба која треба да биде готова пред да заминеме на турнеа. Навистина е лудо, во последниве години станавме многу позафатени од кога и да е. Спиеме само по четири часа на ден. Понекогаш и три.

М: Се надевам дека вечерва отспавте малку повеќе од тоа. Или повторно спиевте само четири часа?

Џ: Не, денес за среќа спиевме малку подогло. Само малку. Сето ова е затоа што ги правиме работите кои што ги сакаме и во кои навистина веруваме. Не е како ‘нормална’ работа. Владее општо мислење дека работа е она што го правиме за да опстоиме финансиски. Она што ние го сметаме за работа е да ги одржиме душата и духот живи и прекрасни. Тоа не е задача, тоа не е нешто од кое што можеш да се презаситиш, затоа сме навистина среќни што некако успеавме да преживееме само со креативна работа уште од 1967-8та година. Тоа најмногу се должи на нашата тврдоглавост. Како ни успеа е навистина мистерија. Од секогаш сме верувале во идеи, уште од најмлада возраст сме биле фасцинирани од идеи и, како што споменав претходно во ова интервју, ако имаме идеа мора да ја оствариме. Не може да се задоволиме со самото имање идеа, мора да ја оствариме. Тоа е во нашата природа.

М: Музички, вашиот последен материјал, посебно вашиот последен албум беше навистина интересен за нас во 103ка.

Џ: Мислите на „Snakes“?

М: Да, „Snakes“. Звучи како комбинација на сè што некогаш сте направиле и ви се допаѓало музички, а сепак има и изразен dance звук, па се прашував за албумот во август, дали ќе биде нешто слично на тоа или ќе одите во некоја друга насока?

Џ: Во моментов, на музички план, најголемо задоволство ни причинува последното нешто што го снимивме. „Snakes“ е исто така еден од нашите омилени албуми што некогаш сме ги направиле, а имаме направено повеќе од 300 албуми. Нашиот нов албум „Alienist“ е многу сличен, но уште посовршен. Албумот е многу психоделичен, но со изострен, дефиниран звук. Направивме мрачна психоделија, навистина длабока, тврда психоделија, која се разликува од психоделијата од 60те. Идеата е да се загубиш во музиката додека ја снимаш и свириш, на истиот начин на кој што би сакале да се загуби публиката кога ќе ја слуша. Тоа сакаме да го постигнеме.
Моменталната постава на бендот е совршена. Сите се одлични музичари. Alice Genese е неверојатен басист и е толку полна со енергија додека е на сцена, лудо е, постојано танцува, скока и се смее… Eddie O’Dowd удира по тапаните како манијак и разви многу интересен ‘free flowing’ стил на свирење кој е доста сличен на оној од 60те, така што не го свири само ритамот туку и мелодиски линии. Симултано пушта и семплови. Jeff Berner е одличен гитарист, тој е нашиот Џими Хендрикс. Имаме нов клавијатурист, John Winegarden, кој отсекогаш бил опседнат со музиката на 60те, така што совршено го дополнува тој слој од звукот на бендот. Можеме да направиме што и да посакаме, да отсвириме кавер верзија на која било песна, но сепак да звучи различна и наша. На новиот албум се поместени кавер верзии на две песни. Има само четири песни на албумот. Сите се долги, како и обично. Едниот кавер е на “Jump into the fire” на Harry Nilsson, ја свириме веќе некое време во живо и навистина добро функционира, луѓето се возбудуваат и скокааат нагоре-надоле и сосема се губат во музиката. Вториот е “How does it feel to feel” на Creation, стар бенд од ерата на 60те. Тие се првиот рок бенд во Англија чиј гитарист користел виолинско гудало додека свирел, Џими Пејџ всушност го копирал тоа токму од нив кога го направил истото во Led Zeppelin. The Who сакале гитаристот на Creation да им се приклучи како втора гитара, но ги одбил. Исто како со уметноста, им кажуваме на луѓето за уметници во кои ние веруваме. Кога се занимаваме со пишување, им кажуваме за писатели за кои мислиме дека би требало да ги интересираат, како Burroughs и Gysin. Кога се занимаваме со музика сакаме да им посочиме на луѓето одредени влијателни групи кои направиле прогрес во звукот, така што нема сè да се врти околу нас, туку тоа што го правиме ќе кажува и дека самото е дел од една голема приказна која трае - наративот на алтернативната музика. Ние мислиме дека луѓето би биле среќни да слушнат што другите имаат направено во минатото, а не инспирирало нас. Значи, сакаме да ги споделуваме нашите влијанија со слушателите и да ги поттикнеме да останат отворени за сите дела за кои можеби никогаш дотогаш немаат слушнато.
 
М: Значи можеме да очекуваме нов материјал на концертот.

Џ: Да, нов материјал од Snakes до Alienist, но секогаш уфрламе по неколу постари песни кога чувствуваме дека е вистинскиот момент. Како што веројатно знаете, ние најчесто свириме 2 часа. Повеќето бендови свират 45 минути или помалку. Ние сме се потрудиле да допатуваме до Македонија, сме се потрудиле да го наместиме звукот најдобро што можеме, но исто така и публиката се потрудила да заштеди пари за билет, а тоа не е толку лесно повеќе. Така што ако сите вие сте се потрудиле да бидете на тоа место заедно во исто време, тогаш е повеќе од разумно бендот да настапува колку што може подолго и да даде колку што може повеќе, бидејќи е само една вечер и можеби никогаш повеќе нема да се вратиме таму. Мислиме дека несебичноста е нешто што многу од бендовите го забораваат, а навистина е важно да дадеш најмногу што можеш на луѓето што дошле да слушнат што имаш да кажеш.

М: Претходно сте биле на Балканот, иако ви е прв пат овде во Македонија, мислам дека сте свиреле во Словенија, не сум сигурен за Хрватска...

Џ: Да, имаме настапувано таму, исто и во Романија.

М: Одлично, значи сте биле во близина, но никогаш тука. Не знам дали имате некаква претстава за ова место бидејќи не е многу важно место во светот, само една мала земја со многу проблеми...

Џ: Не, воопшто немаме никаква слика за Македонија. Единствено на кое ни текнува е  Александар Велики и античката историја. Сите слики што ни се појавуваат во главата се од Александар Велики и Џингис Кан и луѓе кои јуришаат напред и назад низ Европа, колејќи и оставајќи пустош зад себе…
 
М: (се смее) Тоа е одлична слика! Но веќе не сме толку силни.
 
Џ: Како е, мислам, дали е како остатокот од Европа и Америка каде сè почнува да изгледа сосема исто?
 
М: Македонија е мала држава и веројатно една од најсиромашните во Европа. Неверојатна е ‘модата’ постојано да се враќаме наназад, дури и во закоравени религиски догми. Деновиве има многу протести против Владата која е многу назадна и има тенденција да се претвори во диктаторска. Дури се приближуваме кон улични борби. Од друга страна имаме и доста интересен дух – не само борбен туку и музички. Македонците се многу музикална нација со добар вкус за музика. Особено Канал 103 кој е предводник во тоа веќе 25 години, каде што се пушта PTV и секакви видови добра музика.
 
Џ: Тоа звучи одлично за нас. Меѓутоа, нели е тажно што насекаде во светот политичарите се враќаат кон тоталитарниот капитализам? Притоа, користат верска догма како дел од нивната стратегија. Сите сакаат да се вратат во она митско време во минатото кое мислат дека било подобро. Но, тоа време не било подобро. Зошто инаку би имало толку побуни и револуции за осободување од сите тие моќници? Бидејќи светот бил мизерно место за сите освен за богатите и моќните. А сега, богатите и моќните прават сè што можат за да се вратат во времето кога имале повеќе моќ. Навистина е застрашувако бидејќи ова се случува насекаде во светот. Што мислиш, зошто се случува тоа?
 
М: Не знам, се чини дека тоа е во мода. Веројатно не сум “стручен“ по ова прашање, но мислам дека по падот на Берлинскиот ѕид и падот на комунизмот, кој претставуваше еден вид конкуренција на капитализмот, западот мораше да се развива во правец на поцивилно и похумано општество. Бидејќи нема веќе таква конкуренција, тие вршат поголем притисок и ги намалуваат слободите на луѓето најмногу што можат. Ова се случува и во Источна Европа, каде земијте беа делумно социјалистички, а сега сè повеќе се движат кон десничарска политика. Најдолните слоеви од општеството се согласуваат со оваа политика и со задоволство ја прифаќаат и најглупавата религиска догма. Не знам, едноставно тоа е политичката реалност во Европа во моментов.
 
Џ: Не мислите дека е речиси како носталгија? Можеби делумно тоа е резултат на сознанието дека нема вистински одговори без тешки одлуки, а политичарите не сакаат да прават тешки одлуки. Сакаат да бидат популарни и да останат на власт. Им се допаѓа да бидат политичари. Сакаат да задржат сè што имаат по секоја цена. Но тоа не е решение. Светот се распаѓа околу нив, економиите се распаѓаат, а нивната реакција е да стануваат сè пототалитарни и опресивни. Ова се тешки времиња во човековата историја. Навистина тешки. Бидејки се плашат... не можат да замислат иднина во која ќе ја имаат истата моќ и важност. Единствената добра иднина е онаа која е посоцијалистичка и навистина демократска. Ако човештвото ги користи сите свои ресурси еднакво и насекаде, би можеле да ги нахраниме сите без проблем, би можеле да изградиме домови за сите без проблем и не би ги трошеле сите пари со кои располага власта на воена опрема и така наречената “одбрана“. Тогаш планетата би била убаво место за живеење, каде секој е хумано суштество. Честопати велиме: “Да можеа луѓето само за момент да застанат и да се замислат себеси како само еден мал дел од човечкиот род“, а така треба да се поимаме себеси – само една убава единка која живее на оваа планета. Земете, на пример, една амеба или кое било друго суштество кое е повредено или оштетено, тоа ќе ги вложи сите свои ресурси за да ја поправи штетата. Ако му е потребна нега, тогаш сета своја енергија ќе ја вложи натаму. Таква е природата на постоењето. Таква е целата природа. Ако замислиме дека целиот човечки род е едно единствено битие, тогаш ако некој или нешто е повредено или е во болка или пак има некаков проблем, тогаш сите ресурси од целиот свет би се насочиле за да се поправи тоа. Така треба да го замислиме човечкиот род – како еден организам. Сите ресурси треба да се насочат кон оној на кој најмногу му се потребни во кое било време, еднакво и без никакви предрасуди. Но политичарите се ужаснати од ваква иднина бидејќи во неа за нив нема место. Тие попрво би ја уништиле планетата и животот на неа отколку да дозволат оваа попозитивна иднина да се случи. Затоа се толку опасни. 
 
М: Сметате ли дека некако можеме да го избегнеме тоа?
 
Џ: Сметаме дека едно од решенијата се заедниците – не комуни, туку заедници. На пример, ако светот беше совршен, ако имавме доволно пари, нашата главна преокупација би била да најдеме земја некаде и да основаме некој вид село. Да поканиме луѓе од различни дисциплини – физичари, генетичари, писатели, уметници, инженери, механичари – во принцип да основаме една комплетна заедница. Секоја единка, секоја личност би имала свое живеалиште како колиба или што и да одбере, а би имало и една главна зграда каде се споделуваат сите ресурси и каде барем еднаш дневно заедно се јаде и се разменуваат идеи за алтернативни начини на однесување и живеење во овој свет. Сето она што би го откриле или развиле како теорија или би сметале дека може да фунционира би го споделиле со останатиот свет - бесплатно. Ова е нешто што би можело да го промени светот. Истово би можело да се реализира и ако неколкумина изнајмат куќа, се обидат да го обмислат животот во заедница и да видат кои би биле потешкотиите во таквиот начин на живеење, дали е тешко постојано да се биде со други луѓе и да се споделува и она малку што го имаат. Ова е најдобриот начин за напредок. Можеби овој вид на примери ќе го измени начинот на поимање на иднината. Треба да почнеме да размислуваме за живот во заедници и споделување на ресурсите. Едноставно мораме.
 
М: Мило ми е да слушнам дека сте го обмислиле сето ова – убава размисла и убаво е да се чуе како за крај на ова интервју па нема да ви додевам уште многу со прашања.
 
Џ: Баш уживам, Мирко!
 

M: Ви благодарам многу, и јас уживав во интервјуто. Има ли нешто важно што можеби пропуштив да ве прашам, а мислите дека треба да го споменете пред публиката на Канал 103 и на луѓето кои ќе дојдат да ве слушаат на концертот на 14ти Мај?
 
Џ: Тоа е добро прашање. Би сакале луѓето да седнат и навистина добро да размислат за својата иднина. Со Throbbing Gristle имавме многу мали ресурси, скршена бас гитара, рачно изработен синтисајзер, но сепак успеавме да ја смениме природата на музиката во целиот свет, први измислувајќи ја ‘industrial’ музиката. Така, сосема е возможно многу мала група на луѓе да има огромно влијание на културата на целата планета. Ако луѓето размислат каква иднина би сакале да имаат во совршен свет, што би направиле околу тоа?  Добро, неможеме да имаме село, но можеме да имаме зграда или магацин. Како да го изведеме сето тоа без да се полудиме еден со друг? Што би можело евентуално да тргне наопаку и како да се справиме со тоа? Да почнеме веднаш вистински да обмислуваме стратегии кои ќе помогнат да функционираме едни со други на креативен начин. Потоа тоа несомнено ќе се рашири како идеа насекаде низ планетата, како што секогаш се случува.
Единствената добра страна на интернетот е тоа што можеш да рашириш информации до луѓето насекаде, многу брзо. Остатокот е преголема дистракција. Неколкумина можат да ги сменат работите, тоа е главната порака. Кога ја напишавме книгата Modern Primitives заедно со нашите пријатели во Сан Франциско, имаше само еден човек во Британија кој се занимаваше со пирсинг, господин Себастијан. Секако, работеше тајно. Секој пат кога работеше пирсинг, мораше да нарача сè што му е потребно од еден негов пријател кој изработуваше накит. Никој друг не изработуваше таков материјал, па неговиот пријател го правеше тоа специјално за него. Еден човек во Холандија, господин Роналд, Sailor Sid во Флорида и Fakir Mustafa во Bay пределот го работеа истото, значи само неколкумина низ целиот свет кои работеа со пирсинг. Ние ги контактиравме и им кажавме дека треба да се направи книга за тоа, дека имаме чувство дека тоа што го работат е инстинктивен дел од човечката природа - правото на човекот да ја има контролата над сопствената кожа и да ги има тие шамански искуства. Сигурен сум дека ви е познато дека пирсингот и тетоважите се сега вообичаени низ целиот свет. Токму таа книга го стори тоа. Можете и хронолошки да ја трасирате приказната дотаму и да сфатите точно што се случило. Само што ја објавивме таа книга, Скотланд Јард повторно не нападна. Го уапсија господинот Себастијан и мене. Одреден период ги направија пирсингот и тетовирањето илегални во Британијa, како и поседувањето на таа книга, Modern Primitives. Зошто го направија тоа? Бидејќи знаеа колку е моќна. Еден од најстандардните пирсинзи се нарекува “Принц Алберт”, во чест на сопругот на кралицата Викторија. Тие луѓе биле свесни за магиските и спиритуални аспекти на овие работи. Но не сакале да ги споделат со обичните луѓе бидејќи не сакале обични луѓе да имаат моќ над самите себе.
 
M: Првиот концерт од вашата Европска турнеа започнува овде.
 
Џ: Со нетрпение го очекуваме, секогаш сме возбудени кога одиме во ново место. Би сакале да можевме да остануваме подолго во секое ново место. Немаме доволно време вистински да разгледаме наоколу, да ги запознаеме луѓето и да ги слушнеме нивните искуства, а тоа е всушност најважно за нас. Доколку можеме да ги охрабриме или инспирираме на каков било начин, тоа е уште подобро. Секаде низ светот постојат различни можности да создадеш нешто прогресивно и креативно, без разлика колку се чини тешко или невозможно. Не ви требаат пари да го сторите тоа. Сè што ви треба е имагинација и страст.
 
М: Ви благодарам многу за сè ова. Звучи охрабрувачки и не можам ни да ви доловам колку сме возбудени да ве запознаеме, особено после овој разговор. Досега за нас бевте Genesis P-Orridge, човекот кој отсекогаш сме го слушале, сме читале за него, а сега зборуваме со него. Ова е прекрасно искуство за мене и за моите пријатели, така што ви благодарам многу за времето што го одделивте.
 
Џ: Токму ова што кажавте ме потсети на изложбата која е моментално поставена во музејот кој ви го споменав. Како дел од поставката, изработивме скулптура која е всушност калап од мојата десна рака, од лакотот до прстите, поставена во позиција на ракување. Над неа стои еден цитат на Brion Gysin: “Мудроста може единствено да се пренесе со допир на дланките.” Веднаш до цитатот пишува и “Ве молиме допрете ја скулптурата.” Така што, луѓето се ракуваат со мене. Идеата, се разбира, е запознавање со луѓето, па кога ќе ве запознаам вас на овој начин (преку Skype интервју) а потоа и во реалноста, тоа е начинот на кој мудроста, знаењето и инспирацијата се пренесуваат уште побрзо.
 
М: Со нетрпение чекам набрзо да се ракуваме. Ви благодарам уште еднаш за времето кое го одделивте од вашиот зафатен распоред за да зборувате со нас. Ви посакувам пријатен ден.
 
Џ: Имајте и вие пријатен ден! Јас сега ќе одам да го гушкам моето куче. Ми беше вистинско задоволство да зборуваме. Чао!
 
 

103 Инфо |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||

ВО МОМЕНТОВ НА 103ЈКА:


Објавено 29.06.2016
.